ЗАТИШЈЕ ПРЕД БУРА
(лош режисер не може да направи добар филм и со неброени пари)

[dropcap]П[/dropcap]овеќето од колегите новинари, интервјуто со Столе Попов би го најавиле и би го сметале за ексклузивно, со оглед на неговата десетгодишна филмска и медиумска апстиненција. Нам намерата, пак, ни беше, на овој разговор да му дадеме инклузивна, вклучувачка димензија, со оглед на општите состојби во Македонија, особено во сферата на филмот. Тоа што Столе Попов, покрај својата режисерска кариера, еден дел од својот живот го посвети и на политиката, е само аргумент повеќе за состојбите во македонската култура да се зборува од поинаков, покомплексен агол
Разговарал: Влатко ГАЛЕВСКИ во Октомври 2007 година.

Форум: Десет години “творечка” пауза. Речиси сум сигурен дека тоа не е ваш избор… Или станува збор за долго затишје пред бура?
Столе Попов: Долго затишје пред бура – тоа би била одлична премиса за типичен македонски виц во кој затишјата достигнуваат дури и петвековни димензии.
Десетгодишна “творечка пауза” е една петина од нормален работен век. Сигурно не мислите дека би постоел човек, со бекграунд како мојот, кој доброволно би се откажал од основното човеково право и потреба да работи и создава, и тоа во најзрелото творечко доба? Не! Тоа може да биде само македонски “специјалитет” зготвен во примитивни канибалски партиски кујни кои сè уште не направиле никаква разлика меѓу тоталитаризмот и демократијата. Ако во една таква тотална партизација на целото општество не припаѓаш никаде и никому, едноставно не постоиш. Ако, пак, не дај боже, како јавна личност, згора над сè, имаш и сопствено мислење за сопствената стварност,  кое се разликува од владејачкото, најдобро сам да си врзеш камен околу вратот, бидејќи бездруго ќе се најде кој да ти го врзе.

Значи, причините за филмската апстиненција не се од субјективна природа. Кој е објективниот проблем?
После осамостојувањето Македонија тргна по изнасилена и вештачка “потрага” по нови инстант културни и духовни вредности. Потрагата ја иницираа недоквакани “политичари”, матниот талог од комунистичкиот систем, лигушите комуњари што набрзина црвеното го префарбаа во сино, идеолошкиот и морален гнилеж чија интелектуална испразност и вграден демагошки код имаше за цел преку ноќ да исфабрикува своја “нова културна и уметничка елита”. (Заради појаснување, терминот “комуњари” е употребен заради дистинкција од вистинските комунисти кои поразот го прифатија идеолошки и чесно се повлекоа.)
Таквите комунистички абортуси, промовирајќи и етаблирајќи го целото  транзициско зло во македонското секојдневие, меѓу другото го продуцираа и културниот сурогат. Со испробаните методи на партискиот апарат и со својата делотворна погубност, тие, за жал. бргу станаа инспирација и учители и на новата десна политичка опција која толку желна за власт и уплашена да не “заостане”, бргу ги следеше “светлите” примери како во политиката и економијата, така и во културата. Учителите бргу напредуваа во “духот на новото време”, од ден на ден утврдуваа нови лекции, а учениците, гладни за знаење, брзо учеа. Така “државотворците” експресно го пренесоа своето генерално знаење: општа и сеопфатна релативизација на сè и сешто, проверена и докажана доктрина, цврста спона меѓу комунизмот и демократијата, нешто во стилот – сите сме чесни или сите сме ѓубре. Нормално, ако црвеното преку ноќ може да стане сино, зошто да не може предавниците да станат херои, терористите да станат бранители, а бранителите – терористи, зошто да не може најголемите апаши и криминалци да станат угледни стопанственици, зошто да не може невладини организации на туѓи влади да ни делат беспоговорно памет како на малоумници, зошто да не може референт од молерска задруга со една изјава да ни стане претседател, зошто да не може бебето претседател, што 15 години ни ја кака државата, да ви одржи лекција од типот “деца, не си играјте  со државата”, и за крај, зошто да не може најмудриот претседател, стариот бебиситер на првата градинка, да констатира дека сме славомакедонци кои, веројатно, како готов производ паднале од Марс на тлото на античка Македонија. Логично, ако сето тоа може, па зошто да не може партиските кујни да зготват “нови вредности”, нови научници, писатели, режисери, сликари, музичари…
Тоа, што тие ќе создадат е најмалку битно, и така партиските сезнајковци со сесрдна помош на некои медиумски измеќари тоа ќе го прогласат за генијално, оригинално, ремек-дело или, во најмала рака, трајно национално богатство кое, за жал, нема да функционира подалеку од Бујановац или Ѓуешево, но тоа не е битно – битно е дека самозадоволството е големо. Вистинска провинцијална жабокречина преточена во голема “патриотска” сага!
Толку ли е тешко да се сфати и испочитува универзалниот карактер на уметноста и културата и фактот дека тие не можат да се трпаат во партиски рамки? По сè изгледа, да! И тоа, со таква исклучивост, по сè изгледа само во Македонија.
За жал, македонските политичари сè уште не ја сфатија елементарната вистина дека слободата во едно општество, пред сè, се мери со ширината на творечките слободи, права и услови за работа.

Дали вашиот политички ангажман во Демократската алтернатива и во парламентот беше по линија на помал отпор (бидејќи не снимавте филмови) или сметавте дека од таква позиција можевте да влијаете на полето на културата?
Зрелото човеково доба веројатно е време кога тој е предизвикан да се соочи со феноменот на изгубените илузии за сопствената визија и утопија, особено при тектонски идеолошки и општествени промени во маѓепсаниот круг на секогаш големата измама, која неминовно следи како суд од Господ за расипаноста на човековата природа. Во таквиот општ транзициски хаос секогаш постојат два сосема различни типа луѓе. Едните, ловци во матно, со сета своја расипаност и алчност, и другите, луѓе со верба дека можат да ја избистрат водата, луѓе со одговорност, чесност и свест дека и нивните деца треба да пијат чиста вода за да преживеат и да го продолжат поколението. Од денешен аспект, можеби некому сето ова му звучи наивно, патетично и смешно, но суштината е таа и, за жал, најчесто оваа втора група луѓе, во средини каде што ќе преовлада “црната страна на месечината” се дават од плимата во која фекалиите по правило испливуваат на површината.
Да, сметав дека ќе можам да влијаам не само во полето на културата, туку и врз пошироките аспекти на политиката, но кога ќе сфатите дека вашите ставови, визии и размислувања не кореспондираат со потребната критична маса мнозинство, гледате дека се наоѓате во еден затворен Пиранделовски круг, каде што разговорот како да се одвива меѓу глуви или воопшто не се разбира за што станува збор, а вашите идеи, размисли и предлози едноставно се распрснуваат како балони од сапуница. Сето тоа е дел од големата илузија. За работите да се движат напред, во позитивна насока, потребна е многу поголема просветеност, култура, традиција, чесност, храброст, достоинство, доблест и визија на мнозинството – сè дотогаш додека не се постигне таа неопходна критична маса ќе владеат медиокритетите и мороните.

Која беше причината за вашето разидување со Тупурковски и, патем, какви ви се сега односите?
Во едно сум сосема сигурен, причините беа длабоко принципиелни. Денес Тупурковски го доживувам како еден од правците на типичната македонска транзициска политичка парадигма. Човек кој со својата неодговорност и практикување неверојатна леснотија во судбински импровизации, во несреќен момент кога тоа ì беше најпотребно на Македонија, ја уништи и последната надеж на дел од македонските граѓани за демократски граѓански концепт, фундаментално зацврстен на неприкосновеното владеење на правото и правната држава како единствен современ и функционален европски модел заснован врз модерното сфаќање на поимот нација. Го доживеав како филмски епизодист во големиот геостратешки американски блокбастер кој беше вклучен заедно со многу други , во тоа време прогресивни политичари од источноевропскиот комунистички блок, да ја одиграат улогата на сејачи на “демократските промени и вредности”. Некои од нив ги одиграа улогите инспиративно и креативно, како случаите во Словенија, Чехословачка или Полска, додека некои други, со неодговорноста и глуматарењето, уште повеќе ги замрсија и ги деградираа приликите. Во него открив човек кој, за несреќа, не беше имун на најчестата, најкарактеристичната и најпогубната болест на македонските политичари низ севкупната македонска историја, а тоа е неконзистентноста. Едноставно не е можно, на пример, претпладне да мислите дека Охридскиот рамковен договор е рак рана за македонската држава, а попладне да изјавувате дека истиот е спас и најдобро решение, или претпладне да ги убедувате своите пратеници дека мора да гласаат за продажбата на Окта иако никој не го видел договорот, а само три часа подоцна да изјавите за медиумите дека самиот, лично, никогаш не би гласале. Можеби во политиката е така, но јас не верувам во луѓе половина риби, половина девојки, како што и не верувам дека во исто време два тима можат да бидат победници и истовремено да им бидат доделени пехари.
Убеден сум, ако Тупурковски се однесуваше одговорно и ако помалку ја иритираше јавноста со минхаузеновските приказни, ДА со посветеноста на членството, ентузијазмот што постоеше и, пред сè, со интелектуалниот капацитет што го поседуваше, во моментов ќе беше најреспектабилна партија, цврсто позиционирана во центарот, обезбедувајќи здрава политичка логика на не така ретко разнишаниот баланс помеѓу двете најголеми македонски партии, сè уште преполн од политички апсурди и кочничарења дури и тогаш кога е во прашање општиот интерес на сите граѓани во Република Македонија. Но, како е, така е! Тоа е завршена приказна. Циле не сум го видел повеќе од пет години.

Се случија ли во меѓувреме, за изминативе десет години, некакви промени (на подобро или на полошо) во македонското општество?
Во изминатиов период македонските политичари направија низа катастрофални грешки, чии последици Македонија неминовно ќе ги плати со огромна цена, и покрај слатките ветувања кои создаваат привид во кој Македонија еуфорично плови кон мирните и сигурни води, што наводно ќе ги обезбеди со евро-атлантските интеграции. Едноставно, не е можно таков политички лумперај до повраќање, да помине без плаќање огромен цех, иако е залулкувана и подлажувана од разни импотентни амеро-европски чиновници и полит-трегери дека патот и иднината ì се светли, а “грешките” не се грешки, во стилот на бугарското: “Тази дупка, не е дупка”.
Во долгата историја на човештвото, мене барем не ми е познат случај во кој неколку корумпирани политичари во име на својот народ направиле чист фалсификат на своја штета, во кој се откажуваат од својата историја и држава, се откажуваат од државотворноста, ја губат конститутивноста и прифаќаат устав со кој ја сведуваат државата на уникатен сурогат од збир на племенски заедници.
Слепилото на “водачите”, или поточно предавниците, беше толкаво да дури не можеа да го препознаат ниту Божјиот дар, испратен по илјада години чекање сопствена самостојна суверена држава, која дојде како историска  констелација на глобални општествени и политички промени, за да биде изгубена за еден ден во срамна парламентарна расправа и надгласување.
За да биде примерот поуникатен, “големите политичари” тоа го направија во екот на глобалната борба против тероризмот, самите прогласувајќи се како губитници во фингирана војна со терористички банди, кои со сигурност би можеле да бидат до гуша поразени од тогашното македонско ловечко друштво, а да не зборуваме од македонската полиција и војска. Се разбира, да не беа  предадени! За сарказмот да стане врвен и единствен во аналите на политичките гнасотилаци, дополнително придонесе фактот дека велепредавството е направено во ситуација кога една четвртина во Владата беа Албанци и кога Македонија од меѓународната заедница е уважувана и посочувана како “Оаза на мирот” и единствен светол пример за демократски хармоничен меѓуетнички соживот, и тоа во озлогласеното опкружување на суровиот Балкан. Во ваква “успешна приказна”, што би рекла комсомолката Рада, секој нормален човек би прашал: “Па добро, како е можно сето тоа да се случи?”. “Некои прашања не заслужуваат одговор”, повторно би рекла Рада, а јас овојпат би се согласил, бидејќи по седум години, на мнозинството Македонци ептен сè им е јасно, но како по обичај, во традицијата на здравиот дух и изостреното чувство за преживување, истиот тој Македонец ќе рече: “Па добро, нели е јасно дека политиката отсекогаш била курва?” И нема да погреши! Само и од курва, што е многу, многу е!
Но, да се вратам на светлите перспективи, светлата иднина и големите очекувања, кои, нели, веќе се готова работа и на дофат на раката. Па богами, и не ќе е баш така! Покрај констатацијата дека Македонија е конечно пред вратите на НАТО и ЕУ, според мене не може да се заобиколи и констатацијата дека со ваквиот недефиниран, или поточно наопаку дефиниран државен статус, Македонија влегува во маѓепсаниот фатален Бермудски триаголник БиХ-Македонија-Косово, чиј конечен расплет е тотално непредвидлив дури и на подолг временски рок. “Успешниот македонски експеримент” кој кај Европејците наоѓаше единствена потпора во вештачката аналогија со белгискиот пример, сега во услови на неодржливост и можна поделба на Белгија, станува лесно читлива заблуда, на што ако се додаде и тотално некомпатибилниот и нефункционален уставен македонски експеримент на племенски заедници, станува потполно јасна бељата што Европа би си ја земала со Македонија. Таканаречениот голем спас за Македонија со влезот во НАТО исто така може да биде голем привид. Тоа, воедно, може да значи и само побрз и гарантирано мирен расплет, т.е. распад врз основа на веќе стекнатото легитимно уставно право за самоопределување на конститутивен народ. Во случајот со “успешниот македонски експеримент” дури ќе нема ниту кој да се спротистави, а камоли да се бори против таквата легитимна одлука базирана на меѓународното право и Повелбата на ОН.  Своевремено, како пратеник во македонскиот парламент, антиципирајќи еден ваков можен погубен развој на настаните, се обидов да иницирам во моментот неопходен принцип на Црвена линија укажувајќи дека, и покрај успешно практикуваната кетмановска мимикрија, албанската кауза има јасно фундирана премиса што за крајна цел има создавање една големоалбанска држава, што претставува реална и отворена закана за опстанокот на суверена унитарна Македонија. Денес, од аспект на можната грижа на совест на македонските политичари, парадоксално и јадно изгледа “монолитната” сплотеност на сите политички сили и најавувањето на Црвената линија во случајот со спорот за името, споредувајќи ги со чинот на велепредавството и слепилото при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и промената на Уставот. Фрапантна е повторната неспособност да се согледа елементарниот факт дека држава навистина може и да се изгуби, а име – не, освен ако доброволно не се откажеме и од сопствениот идентитет. Ова не може да биде приказна за јајцето и кокошката.  Македонија мора дефинитивно да бара решенија и одговори за сите свои натрупани проблеми, и колку и да е тоа тешко и болно, мора да се занимава со суштината и корените, а своите видувања и ставови трпеливо и аргументирано да ги објаснува и брани пред меѓународната заедница ако сака достоинствено и рамноправно да се интегрира во неа. Владата на г. Никола Груевски, иако засега сè уште ги одбегнува суштинските проблеми во базичната политика, со кои наскоро неминовно ќе мора да се соочи, сериозно е реформски ориентирана во сите други области што го засегаат секојдневниот живот. Искрено и ефикасно работи, постигнува видливи резултати и заслужува сесрдна, отворена и безрезервна поддршка. Граѓаните кои во изминативе 16 години поминаа сито и решето, тоа го препознаваат и тоа е единственото меродавно објаснување за високиот рејтинг на премиерот и на Владата. Македонија во изминатиов период е толку газена, понижувана, ограбена и лажена, така што сè повеќе личи на усмрден, растрган, испревртен чорап на кој му е под итно потребно долготрајно вриење во силен детергент и внимателно макотрпно крпење, ако сакаме и понатаму да чекори по патот за да стаса до целта. Оваа Влада, според мене, е цврсто решена тоа да го стори.

Да се вратиме на филмот. Верувам дека кај вас е присутен поривот да работите повторно на филм. Во меѓувреме, дали постоеја некакви шанси, обиди за тоа?
Филмот беше и остана моја прва и единствена определба и љубов, сè друго е второстепено и попатно. Од него ниту сум се откажал, ниту ќе се откажам. Направив пауза додека бев во парламентот затоа што не се носат две лубеници под мишка и затоа што имав етичка скрупула додека бев претседател на собраниската комисија за култура, да работам филм, бидејќи тоа го сметав за судир на интереси. Пред тоа и после тоа, за времето на владите на СДСМ, постојано поднесував проекти на кои особено во периодот од 2002 до 2006 г. воопшто никој не најде за сходно дури ни да ме удостои со одговор. Пилјарската психологија на господинот министер и неговиот партиски измеќарлак и лигавење пред СС-овските налогодавци за мојата тотална изолација одеа дотаму што дури и при случајни средби белилото на таванот му беше приоритетна преокупација. Едноставно, за задоволство на партијата, ве прогласуваат за непостоечки. Нека им служи на чест.

Како професор на ФДУ, сепак сте блиски до филмот (макар и теориски). Како ја оценувате македонската кинематографија во изминативе десет години?
Филмската јавност во Македонија живее во виртуелна провинцијална слика за самите себе создавана од “филмаџии” саморекламери и ситни новинарчиња кои за еден ручек или едно патување се спремни да ве прогласат за првиот човек кој стапнал на Јупитер и таму на “најпрестижниот фестивал бил дочекан со овации, за своето ремек-дело од кое се смрзнува крвта во жилите”. Нема никаков проблем, ако треба секој ден ќе се пишува на насловна страница за сè, само не за суштината и самиот филм, зашто тоа никој од нив ниту го разбира, ниту го знае. Важно е колку метри бил црвениот килим, колкаво било платното и каде ќе се чува, важно е дека некој во Ајова во интернет блог-весник напишал нешто за “големиот” режисер или, замислите, братучедот на внукот на добитникот на Оскар ќе пишува музика за вашиот филм! Во овие десет години сè видов и сè се изнаслушав, само филм не видов! Има и еден куриозитет, речиси сите филмови се дебитантски, што значи дека и од тој аспект треба да им се пријде, што во голема мера го разлабавува судот за нив, па во многу случаи може и да се замижи. Само останува прашањето има ли друга земја во светот каде десет години филмовите ги правеле само чираците? Нема земја на светот во која не треба де се испочитуваат одредени критериуми за да се дојде до прв игран филм, бидејќи, за жал, филмот е скапа играчка. Или повторно Македонија е уникатно светско чудо?

Финансирањето, а и сè друго во културата, е прилично хаотично и нетранспарентно. Имате ли здрав предлог, идеја, модел како да се исправат работите? (Филмскиот фонд?)
Во мала земја како Македонија во која вистинските познавачи на филмот можат да се избројат на прсти, единствен здрав предлог е здрава логика во пристапот, а понајмалку формален иновативен модел, бидејќи не постои таков што во македонски услови не би изгледал карикатурално, бидејќи на крајот ќе дојдете во ситуација некој “талентиран” лепач на плакати да просудува и одлучува дали ќе снимате филм или не, па дури и ако зад себе имате номинации и на Американската и на Европската филмска академија или педесетина врвни  интернационални награди и признанија. Значи, треба да се следи здравата логика, а да се земат формата и стандардите што важат во ЕУ, каде што сме и упатени за соработка со нејзините фондови. Не треба да откриваме топла вода, потребно е само малку памет.

И вие снимавте скапи филмови. Можно ли е да се сними добар филм со малку пари? Јас знам дека не може да се сними добар филм со лош режисер.
Не е точно дека снимав скапи филмови. Морате да имате предвид дека моите филмови се снимани во сосема други општествени услови, дури вклучувајќи го и последниот – Џипси Меџик, каде што извршен и главен продуцент беше државната куќа “Вардар филм”. Филмот чинеше два милиона марки и во услови кога државата располага со парите тие тонат како во бунар, одејќи за покривање стари долгови, дубиози, социјала, за покривање на платите на вработените и дел исчезнуваат, за што после, како по обичај, следат кривични пријави за апашите што “делуваат” во име на државата. Ако ги земете денес последните снимени филмови кои ја чинеа државата по 2-3 милиони евра и ги работеа приватни продуценти, лесно ќе го фатите есапот.
Секаде во светот се снимаат филмови и вакви, и такви. Можат да чинат сто илјади, а можат и сто милиони, тоа е работа на намера, интерес, политика, есап, профит итн. Битно е државата да има објективно лимитирано учество во зависност од карактерот на филмот, остатокот е должен продуцентот сам да го обезбеди преку копродукции, странски фондови, спонзори и други извори. Квалитетот на филмот нема никаква врска со парите што се вложени во него. За тоа имате безброј примери. Битно е да се работи во нормални, стандардизирани услови.
Лош режисер не може да направи добар филм и со неброени пари.

Сепак, се шушка за нов проект на Столе Попов. Ќе ни откриете ли барем некои работи, на пример: сценарио, тема, жанр, кастинг, музика, буџет, сценографија, костими…? Се шегувам.
Има еден филм кој остана моја најголема неостварена желба, иако на два-три пати се наоѓаше пред реализација, но не успеавме да ја затвориме финансиската конструкција, бидејќи тоа беше едно сосема друго време кога немавме пристап до европските фондови и филмовите се продуцираа на еден сосема поинаков начин. Станува збор за текст кој заедно со Горан Стефановски го нудиме за реализација цели 20 години и за кој тврдам дека е најдоброто нешто напишано за филм во овие две децении и кој во моментов зрачи поактуелно и попровокативно од кога било. Се работи за филмот До балчак или Приказната од Дивиот исток, љубовен четириаголник од постилинденскиот период во кој има еден суров, но романтичен комита, еден јаничар, еден богат татин син и една луцидна и разгалена Европејка што ги врти тројцата околу малиот прст. Вистински современ филм за историската македонска кауза!

Имате ли намера за повторно враќање на политичката сцена?
Не!