Комисијата во состав: Роберт Насков (продуцент) – претседател на комисијата, Вардан Тозија (режисер), Горан Игњатовски (мејкап-артист), Иван Бартлинг (сценограф), Димитар Попов (кинематографер) – членови, со мнозинство гласови одлучи филмот „До балчак“ во режија на Столе Попов да ја претставува Македонија во трката за Оскар од неанглиско говорно подрачје.

Нова Македонија

16.09.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

“Филмот До Балчак на Столе Попов Македонски кандидат за Оскар

Филмски постер До Балчак, Столе ПоповПремиерата на новиот филм на Столе Попов се одржа во рамките на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Како што е познато, почетокот на овој филм датира од многу одамна, дури, како што додаде режисерот, не може точно ни да се сети кога точно се родила идејата меѓу него и сценаристот Горан Стефановски.
Во однос на жанровската припадност на „До балчак“, режисерот кажа дека е љубител на американскиот вестерн, кој обично се занимава со човековите морални дилеми на чист начин, и дека почувствувал дека во македонската историја има дел што е податлив за ваков жанр.
- Ова е вид антивестерн или македонски истерн, иако не можам да го сместам во еден жанр. Секако не е историски спектакл, бидејќи македонската кинематографија тоа не може да си го дозволи. Би кажал дека ова е пред сѐ – нов филм на Столе Попов – рече режисерот.
Новиот долгометражен игран филм „До балчак“ е работен во продукција на „Триангл филм“, во копродукција со „Сектор филм“, „ФХ3Х“, се снимаше во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и во Прилеп. Приказната е сместена во Македонија, мала земја во срцето на Балканот, петстотини години под турско ропство. Дејството се случува во првата декада од 20 век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Во филмот играат: Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски, Гораст Цветковски, Ана Костовска и др. Апостол Трпески е директор на фотографија, Миленко Јеремиќ е сценограф, а Емилија И. Атанасовска е костимограф.
Во трката за „оскарот“ за неамерикански филм во просек се пријавуваат по седумдесетина филма (австриски, канадски, чилеански, дански, француски, романски, норвешки, исландски, српски, хрватски…), а во последните дваесетина години на европските држави им се приклучија и земји како Иран, Казахстан, Непал, Перу и Виетнам, кои ги добија и првите номинации за најдобар филм на странски јазик. Американската филмска академија последниве години сака да ја распредели оваа чест на различни страни на светот. И Балканот сериозно ја сфаќа номинацијата. Повеќето земји веќе ги одбраа своите национални претставници.
Србија деновиве го избра филмот „Монтевидео, се гледаме“ на режисерот Драган Бјелогрлиќ, а Хрватска оди со „Каубои“ на Томислав Мршиќ.
Крајниот рок за пријавување во Лос Анџелес е први октомври, 17 часот по локално време, кога треба да стигнат копиите од кандидираните филмови за Оскар од неанглиско подрачје