”Интервју

Инти Шрај е словенечката глумица, која е актуелна во нашата јавност по главната женска улога Тереза во најновиот филм на Столе Попов “До балчак”. Шрај е млада, непосредна, насмеана девојка, пола Французинка, по мајка, која сепак, одлучила да живее во Љубљана каде што завршила две академии, за глума и за ликовни уметности. Најмногу од сe сака да е глумица, а сликарството сe уште е само нејзина интимна работа. Зад себе има десетина улоги во играни и во кратки филмови, снимени во Црна Гора, во Босна и Херцеговина и во Словенија, а била и во словенечкиот “Плејбој”. Со Шрај поразговаравме повеќе неформално, по скопската премиера на “До балчак” во киното “Милениум”.

-Кажете ни како се сретнавте со Столе Попов?

Пред некоја година снимав филм во Црна Гора. Таму беа Милка Анчевска (кастинг директорка од Скопје, н.за.) и Зоран Ристовски (македонски продуцент н.за.). Тие ме донесоа и ме запознаа со Столе. Имав пробно снимање, и Столе ми рече: “Ти си совршена за ликот на Тереза”.
Јас седев скаменета, не знаев дали да плачам или да врескам од среќа. Но само ладно реков: “Аха, во ред”. Ќе пукнев во тие моменти.

-На што толку се израдувавте?

Јас бев заљубена во ликот, откако го прочитав сценариото.
Тереза ми се чинеше феноменална жена. Млада глумица нема многу вакви прилики во кариерата, да се добие ваков лик. Затоа за мене ова е преголема шанса.
Полека почнав да барам и други слоеви во ликот, во приказната, читав за Столе, и сфатив дека имам работа со голем режисер, и тоа ми беше уште поголем мотив.

-Во филмот зборувате три јазици, дали беше потребна посебна подготовка?

Францускиот ми е мајчин јазик и, генерално, не беше проблем, но работата е што во филмот се зборува стар француски, па затоа имавме учител. Имав професор и за македонскиот, се разбира, но немавме некои поголеми проблеми.

-А во однос на глумата, како работи Попов со актерите, како го подготвувавте ликот?

Со Столе многу долго разговаравме пред снимањето. Столе сакаше да ни ја пренесе најсликовито неговата визија за ликовите. Потоа зборуваме долго и меѓу себе со актерите. Но на снимање Столе ни даде целосна слобода. Тоа е голема шанса за секој глумец. Не остави индивидуално да се изразуваме и да ги градиме ликовите. Се случуваше ептен ретко да прекине снимање и да поправи нешто.
Она од што сум особено задоволна е што снимавме хронолошки, па така јас четири месеци живеев со ликот. Можеби е тоа луксуз, на некој начин, таква прилика ретко можеш да добиеш како актер.
Во Македонија живеев 6 месеци и скоро цело време бев во ликот. Само јас имав 70 дена снимање. Во пет наутро бев во маска, потоа костим, па на сет каде што сите ти зборуваат македонски, некои и бугарски, а ти зборуваш француски, по малку англиски. Потоа неподносливата горештина. На крајот на денот бев многу уморна
Речиси никаде не излегував.

-Рековте дека се вљубивте во сценариото, а во ликот? Колку карактерот на Тереза е близок до вас?

Би сакала да кажа, многу, зашто многу ми се допаѓа Тереза. Таа има слобода, има луксуз да прави што сака, зашто знае оти е осигурана, дека, во суштина, не може ништо да $ се случи, дека има заштита.
А ние немаме таква заштита. Таа го има тоа чувство на слобода дека може сe.
Јас би сакала да го имам тоа чувство, но едноставно е невозможно.
Се надевам дека тоа се чувствува во филмот, оти на почетокот на овој век започнува еманципацијата на жените. И Тереза во себе носи многу од тие филозофски идеи за слободата за жените и за слободата воопшто.
Така што таа не е лесна или глупава, таа носи идеи кои се силно актуелни и денес, околу слободата и за тоа зошто човек се бори, кои се човечките приоритети.

-Верувам дека беше потребно многу да читате за периодот во кој се случува филмот?

Да, многу читав и истражував. Видов и во сценариото дека има многу елементи кои се многу важни за ова поднебје. Беше интересен процес. Но на крај сe се сведува на емоционална тема, на крајот на краиштата, за што човек сака да живее, за што вреди да се бори, да живее и да умре. Тие работи не се врзани ни за држава, ни за поднебје, ни за историски период.

- Што ви беше најтешко во работата на “До балчак”?

Тешка ми беше горештината, плус костимите, кои се историски. Паѓавме во несвест одвреме-навреме поради дехидрација, но не беше страшно, преживеавме, ха, ха.

-Дали очекувате нешто големо да ви се случи после овој, за нас голем филм?
Не сакам да очекувам и не сакам да сум разочарана. Јас сум радосна од она што го сработив, има секогаш мали работи кои човек сака да ги смени, тоа е нормално.
Направив сe што можев, повеќе не би можела да дадам (се смее).

-Имате ли некакви афинитети кон историска драма или модерен европски филм? Како избирате улога?

Само улогата, сама по себе, е одлучувачка. Не ја избирам преку жанр, улогата е она со што живееш неколку месеци, и при одбирањето улога е важно каков интимен процес сакаш да имаш.
Треба да си спремен некои тешки улоги да ги живееш одреден период од животот. Секако дека се интересни оние улоги кои се предизвик за актерот, за неговиот личен развој, кои ќе му помогнат за решавање некои лични прашања.

-Живеевте 8 години во Париз, и одлучивте да се вратите во Словенија, каде е среќата?

Јас сум пола Французинка, пола Словенка. Но Французите се такви што секогаш ќе ве сметаат за странец. Кога ќе им кажеш дека си од Словенија, тоа е за нив нешто многу далечно, како да си им кажал, на пример, Таџикистан.
Во Париз работев некои креативни филмови, но сфатив дека ако баш би сакала да успеам, тогаш би требало да се претворам во некоја личност која јас не би сакала да да сум. Мојата среќа не се состои во тоа. Сакам да работам работи кои ми даваат чувство дека растам, и тоа ми е доволно.

-Дали работите во театар?

Да, работам во независни продукции. За жал, и во Словенија филмската продукција е мала. Се снимаат по 6 филмови годишно, па и ако си од оние што многу работат, ќе снимаш на три години. А за да си во форма, мора да работиш, затоа е потребен театарот. За среќа, јас снимам и доста реклами, од тоа се издржувам. Во Словенија има повеќе странски агенции кои работата реклами, што е добро, така и нашиот актерски пазар се шири.

-Се сликавте за словенечкиот “Плејбој”. Што ви донесе тоа искуство?

Тоа беше интервју. Таму не сум гола, и не се каам, се разбира, но мислам дека треба добро да се размисли што се работи во секој момент, зашто, едноставно, некои работи се придвижуваат во одредена насока. Немам проблем што се сликав за “Плејбој” (се смее), гола сум во “До балчак”, но соблекувањето пред камера го разбирам само ако е во функција на ликот.

-Што ќе паметите од Македонија?

Ах, многу нешта, но најмногу луѓето. Овде стекнав многу драги и блиски пријатели. Многу пријатно бев изненадена од квалитетот на глумците. Навистина имате прекрасни актери од сите генерации. Сите тие многу ми помогнаа.

-Бевте и на “Манаки” кога се случуваа скандалозни настани. Тоа нема да е причина да не дојдете повторно?

(Се смее) Сигурно ќе дојдам пак. Тие случувања само ме смеат. Си мислам, овој филм како да не заврши. Постојано се јавува некој што јавно сака да ја каже својата вистина. Од почеток се шокирав, потоа ми стана забавно.

линк до оргиналниот текст- кликни