”Интервју

Режисерот Столе Попов

stole-popov-banskoliev-(7)
Столе Попов е еден од најмаркантните македонски режисери, чии филмови обележаа цели генерации филмофили. Неговите остварувања, по правило, стекнуваат страсни приврзаници, или огорчени дури и идеолошки противници. Приказната се повторува и со неговиот најнов филм „До балчак“, кој уште на премиерата на фестивалот „Браќа Манаки“ крена голема прашина.
Во неговата богата филмографија влегуваат: „Црвениот коњ“(1980 г.) снимен според романот на Ташко Георгиевски, документарецот „Дае“ (1979 г.), кој беше номиниран за „оскар“ за документарен филм, „Среќна Нова `49“, кој беше југословенски кандидат за „оскар“, „Џипси меџик“, македонски кандидат за престижната награда. Неизбришлива трага во македонската кинематографија остави и култниот „Тетовирање“, чии реплики ги знаат наизуст и новите поклоници на македонскиот филм. Спроти долгоочекуваната скопска премиера на „До балчак“ со Попов разговаравме за уметничката и за историската порака на неговиот нов филм, но и за болните точки во македонската историја и црните страни на нашиот менталитет, кои се провлекуваат до ден-денес.

Сценариото на „До балчак“ помина неколкудецениски период до реализацијата. Се чувствувате ли конечно како да заокружувате важна етапа од вашeто творештво?
- Ентузијазмот го одржав од две причини: едната е обична, човечка, да не им дозволите на надежта и волјата да умрат по никоја цена, а втората е вџашеноста од фрапантната непроменливост на суштината на балканските прилики и неприлики дури и во 21 век. Кога со Горан Стефановски почнавме да го пишуваме сценариото пред триесетина години, тоа го чувствувавме повеќе како филм на историска национална тема. Подоцна, во независна Македонија почувствував како типичниот балкански и европски парадокс во однос на Македонија повторно се повампирува и преминува во чист пароксизам. Има ли посовремен филм од оној што говори за времето што застанува и тоа трае со ист интензитет многу повеќе од сто години! И згора на сѐ, тоа се случува во новиот „напреден свет“ на современи демократии, кои полека но сигурно ги губат елементарните принципи на основните постулати, слобода, еднаквост и солидарност.

Сите ние што се занимаваме со уметност цел живот создаваме и продлабочуваме една иста, интимна преокупација, која има свои доминанти. Сите мои филмови, почнувајќи од „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“ и сега „До балчак“, тематски, филозофски и естетски ги поврзува насилството врз човекот и неговата слобода. Се тетовираат човечките души, а тетовирањето има една специфика – со ништо не може да се избрише, она што се случило или се случува секогаш остава длабоки траги. Тој релјеф во човековата свест никогаш не може да се израмни! Низ годините станува и дел од неговиот менталитет. Практично, ништо се нема променето кога се во прашање човекот и слободата на неговата личност. Дури работите речиси секогаш одат на полошо.

Сценариото за филмот е работено во времето на Југославија, премиерата е во 2014 година, а приказната зборува за периодот по Илинденското востание. Може ли да се направи некаква паралела меѓу филмското време на „До балчак“ и современата македонска реалност?
- Дејството на филмот се одвива во 1907 г., во годините на општ колапс и „слободен пад“, по крваво задушеното македонско востание од 1903 г.
„До балчак“ е сурова но романтична љубовна приказна, во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет, личен интегритет и самостојност е видена од аголот на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација и претенциозни дидактички и патетични толкувања на историјата. Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани од главните ликови низ катарзични емоции што допираат „до балчак“. Поточно, сѐ е во знакот на типичниот парадокс, издигнат до ниво на проверена балканска филозофска максима, која само наликува на зачудувачки оксиморон: „Ебати животот ако не си спремен да умреш за него!“ Нешто што без никакви претензии би можеле да го наречеме „македонски допир“. Нешто вознемирувачко а мирно, грдо а убаво, грубо а нежно, темно а просветлено, сурово но поетично!
Додека Холивуд ја дигитализира виртуелната „стварност“, а Европа се улулкува во сопствената конформистичка монотонија, ние „дивите“ Балканци сѐ уште се качуваме до висините на утопискиот идеал – слободата, или се спуштаме до крајната длабочина на човековата душа – смртта.
Антиподите на моето синеастичко трагање се движат „до коска“ на релацијата „слобода или смрт“. Сонувајќи за недопирливиот идеал на слободата, како вечна слатка илузија на човековиот род, постојано чекориме рака под рака со смртта, со која можеби започнува вистинската слобода како посакувана, но сѐ уште непотврдена вест. Обичниот човек секаде во светот, потиснат од насилство и неправди, постојано сонува за подобар свет. Живееме во високотехнолошка ера, каде што навидум сѐ е комплетно различно, а во суштина сѐ е застрашувачки исто. Историјата постојано циклично се повторува, минатото станува апсолутно актуелно и зачудувачки препознатливо и во денешни денови. Империите се создаваат и се распаѓаат, идеологиите се креираат и се менуваат, големите си поигруваат со малите, силните ги толчат слабите, сила бога не моли, но буните, востанијата и револуциите отсекогаш ги имало и повторно ќе ги има. Исконското чувство за слобода е неуништливо и го движи светот напред. „До балчак“ е филм токму за тоа исконско, примордијално сфаќање на слободата, бидејќи секое друго поимање може да биде крајно манипулативно.
Не смееме да заборавиме дека Балканот како европско „слепо црево“ отсекогаш бил жртва на ситни заебанции и крупни манипулации и калкулации на големите сили, а Македонија монета за поткусурување на големата шаховска табла на политичките игри и интереси. Сето тоа се прекршувало на грбот на обичниот мал човек на Балканот, кој често не бил свесен за коренот на својата злокобна судбина. Во Македонија и воопшто на овие простори отсекогаш се живеело во голема неизвесност и на сечилото на ножот, во постојана напнатост и провокација дали ќе бидеш принуден ти или оној другиот да посегнеш и отидеш „до балчак“. Како што вели еден од ликовите во филмот: „Ова е Македонија, никогаш не знаеш од која страна ќе те подуе ветерот“. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и преданијата со актуелната реалност на суровиот живот, во македонската историја исполнета со супер историски апсурди.

А кои се најголемите апсурди што денес ги живееме?
- Имам личен впечаток дека уште од самиот почеток независна Република Македонија наликува на криво засадено дрво, од водечката самонаречена „државотворна“ партија, која подоцна се трансформира во СДСМ, нелегитимно заснована на правното наследство на Комунистичката партија и Сојузот на комунисти на СРМ. По мое мислење, простете ако грешам, со распадот на СФРЈ требаше да се заокружи и заврши постоењето на тогашниот СКМ. Невини и безгрешни времиња не постојат. Требаше, и покрај сите слабости и гревови што ги донело времето, да се признае и да ѝ се оддаде должна почит на Комунистичката партија на Република Македонија во создавањето на асномска Македонија, првата модерна независна македонска држава во рамките на федерална Југославија, што ќе означеше нејзино достојно и цивилизирано испраќање во историјата. Но тоа не се случи и не се блокираше со закон СДСМ да стане нејзин правен наследник. Чинот на таквото национално помирување ќе овозможеше зајакнување на националната и државотворна свест кај народот и немаше да доведе до груба поделба на македонското национално ткиво. Немаше и да ѝ се овозможи на речиси абортираната СДСМ, сочинета од конвертирани подлизурковци и пребоени демократи во „сино“, да ги блокира демократските процеси сѐ до 1998-та, нанесувајќи им огромни штети на националните и државни интереси. А криво засаденото дрво, криво расте со тенденција да падне, станува сѐ покршливо и на најмал бочен ветер. „Државотворната“ партија, која немаше ни храброст ни визија да се појави на прославата на 8 Септември и да го прослави раѓањето на првата самостојна и независна Македонска држава, доцнеше со приемот во ОН речиси две години, го промени уставното име на РМ, направи катастрофална приватизација, воведе тотална партизација на младата држава, не направи ниедна функционална реформа, не засади ниеден тревник, не изгради ниедна чешма… и не пушти барем малку свежа вода да протече!
Вториот тотален апсурд се збиднувањата во фаталната 2001 година. Долгата историја на човештвото доби навистина уникатен случај, во кој неколку корумпирани или плиткоумни политичари, во име на својот народ, направија чист фалсификат на своја штета, во кој се откажаа од својата историја и држава, се откажаа од државотворноста, ја изгубија конститутивноста и прифатија устав со кој ја сведоа државата на експериментален сурогат од збир на племенски заедници, засадувајќи ѝ канцерозно ткиво што неминовно води во неизвесен крај. Тогаш, здружените политички сили во изнудената коалиција, која беше подготвена како сом да проголта чиста будалаштина како гнил чевел, јасно му покажаа на светот дека не знаеме што сакаме, немаме јасна самосвест. Тие само цврсто го потенцираа новото идолопоклонство кон бирократизираните белосветски лицемери и хохштаплери што се спремни бескрајно да нѐ замајуваат, остварувајќи ги своите интереси како и секогаш на штета на македонскиот народ.
И на крајот, апсурдниот проблем за името, кочницата за нашите евроатлантски интеграции, иако веќе никој и не e сигурен дали тие навистина ќе ѝ донесат некаков аир на земјата, или ќе го комплетираат 23-годишниот македонски политички карамбол? И покрај тоа што веќе и на врапците им е јасно дека воопшто не се работи за името, туку за идентитетот, платениците од редот на „државотворците“ го искреираа поимот „антиквизација“ и „кражба на историјата“, негирајќи ја елементарната логика дека народите се природна и историска симбиоза и мешавина на етноси на териториите на кои живеат. Сите имаат природно и неприкосновено право да го споделуваат севкупното цивилизациско, историско и културно наследство на тие простори и својот национален идентитет да го дефинираат онака како што се чувствуваат. Ние не можеме да го решаваме грчкиот проблем на двоен идентитет. Тие како во исто време да сакаат да се и Грци и Македонци. Нека бидат, никој не им брани ако така се чувствуваат, но ако беше навистина така, немаше на тоа да се сетат последниве дваесетина години и белки ќе испееја барем една песна за Македонија наспроти илјадниците наши!
Тоа го бараме и ние од нив, ништо помалку и ништо повеќе, за да можеме да продолжиме да живееме пријателски како два соседни народи и држави. Да споделуваме заеднички цивилизациски вредности својствени за модерниот свет.
И во тој сеопшт галиматијас на долгогодишни политички промашувања и погрешни одлуки, актуелната влада на Груевски со доаѓањето на власт несебично и крајно посветено се стави во одбрана на македонските национални и државни интереси и сочувувањето на идентитетот и на достоинството на својот народ и нација.

Филмските автори често се жалат на скромните средства со кои ги прават своите филмови…
- Прво, во Македонија средствата што се доделуваат за реализација се најголеми во регионов. Партизација во сферата на филмот не постои, бидејќи евидентно е дека повеќе и почесто работат луѓе што отворено му припаѓаат или му припаѓале на опозицискиот блок, отколку оние што идеолошки ѝ се поблиски на позицијата. Трето, како е можно само во Македонија мал урбан филм да чини 250 илјади евра, а друг ист таков дури и со помал габарит и помали потреби да чини четири пати поскапо! Прашањето е – каде испарува разликата од еден милион евра. Филмското платно е како непогрешлив скенер од кој секој вистински филмски професионалец точно ќе ви ги дијагностицира и болеста и точната цена на вложеното и потрошеното. Главно „експертите“ што се жалат и критикуваат се креаторите на не многу оригиналната формула за брз и сигурен „уметнички“ и материјален личен успех.
Време е филмските работници, но и Агенцијата за филм, да ја отфрлат хипокризијата и да го отворат прашањето за моралната и етичката гнасотија на оние што најбезобразно распрскуваат магла и продаваат рог за свеќа, и тоа целосно транспарентно, од филм до филм, во изминатите 10-15 години. Како би се третирале вакви манипулации и малверзации во друга сфера на животот, ако на пример со јавни пари купите стара „шкода“, а платите цена за „ролс ројс“? Што се однесува до авторската слобода, таа секогаш се освојува, а за тоа е потребна лична, интелектуална и уметничка храброст, која или ја имате или не. Фигуративно кажано, за уметникот тие доблести се и над сопствениот живот. Високите уметнички вредности речиси никогаш не се во тесна корелација ниту со условите во кои се создава ниту со слободите што друг ви дава или подарува. Секое инсинуирање за недостиг на авторски слободи, што денес е во мода кај салонските пребоени демократи, е чисто фолирање. Крсто комита во филмот не џабе двапати ја повторува репликата: „Што не се прцало, не се кози“. Како е во животот, така е и во уметноста.

Авторите најмногу стравуваат од реакциите на домашната публика. Имавте ли трема пред македонската премиера на „До балчак“?
- Да, и тоа е нормално. Но како што филмот тече ќе почувствувате дали се воспоставува флуид меѓу публиката, ликовите, дејството, драмата… Напросто се чувствува струење во тишината и дејството на емоциите. Ако тоа функционира, несомнено значи дека сте успеале. На мое големо задоволство точно тоа се случи во Битола!
Важите за режисер чии филмови неколку генерации ги сакаат и паметат цели сцени и реплики. Кои се неопходните предуслови едно филмско остварување да се вреже толку длабоко во меморијата на обичниот човек?
- Исто како и во животот, се сеќавате само на моменти и слики со некоја магична привлечност, кои останале закопани некаде длабоко во вашата потсвест и самите избиваат на површина. Услов е тие да биле силно доживеани, со многу емоција и оверени со восочен црвен печат на идентификација, како старо писмо што го наоѓате затурено во некоја фиока и со голема жар сакате да го препрочитате. Едноставно сакате да видите дали уште нешто скриено ќе откриете во него. Тоа не се калкулира, ниту однапред се предвидува, времето го носи со себе и самото испливува на површината.

Вашите филмови дале многу брилијантни актерски остварувања. Важите за режисер кого актерите го сакаат или напротив?
Филмски постер До Балчак, Столе Попов- Не знам, тоа треба нив да ги прашате. Има еден мал проблем со македонските актери. Многумина од нив сѐ уште не проникнале во тајните и магијата на филмот. Не можат да сфатат и да се помират со тоа дека тие се само еден многу значаен елемент од структурата на филмската сцена, дел од племенитата магма од која се лее фигурата на божицата наречена филм. Малата слатка тајна од која режисерот го вади подарокот што може да му го даде на актерот лежи во феноменот на медиумот, кој дејствува по принципот на додадена вредност. Затоа често актерот има чувство дека не знае точно што игра. Многу често нема ни потреба. Тој едноставно треба природно и спонтано да реагира на дадена ситуација со оние емоции и доживување што ги носи мигот во секојдневниот живот. Колку повеќе знае и колку повеќе размислува, толку повеќе има шанса да ја упропасти сцената!
Во целиот период на транзицијата, па сѐ до денес, Македонија сѐ уште како да флуктуира во својата потрага по некои нови културни и духовни вредности. Се пронајдовме ли себеси конечно?
- Самиот живот е една долга транзиција во која сите ние сме во вечна потрага по нови духовни и културни вредности, пред сѐ, низ себеспознавањето и движењето во новото, непознатото и неистраженото. Тоа е бесконечен процес во кој ако немате самосвест за значењето на новите откритија исто како и да не сте ги откриле! За жал, нам, Македонците, ова многу често и ни се случува.
Како автор сте во зенитот на својата творечка зрелост. Има ли уште некој врв што би сакале да го искачите?
- Само новите, идни филмови ги сметам за врвови што треба да се искачуваат и освојуваат. Дај боже да ги има уште! Наградите секогаш се игра на случајности, може да ги има, а може и да ги нема. Останува и секогаш се памети само филмот.

Сликата за македонскиот филм главно е хаотичнаКаква е вашата слика за македонскиот филм денес?
- Македонскиот филм од година на година сѐ повеќе се заглавува во неговиот исполитизиран и бирократизиран неинвентивен шаблон. Сликата главно е хаотична. На организациски план како културна политика на Агенцијата за филм, основен проблем е естетската и уметничка валоризација на понудените проекти, која ја прават главно некомпетентни „ад хок“ тела без јасно изградени критериуми. Подобра алтернатива секако би била таа функција да помине во рацете на уметнички директор со висок етички интегритет и висок естетски критериум, со одреден мандат, со хипотека на морална димензија, која оној што навистина држи до себе сигурно не би ја прокоцкал. Клучен проблем, не само на локален туку и пошироко на регионален и европски план, е што вистинските познавачи на филмската уметност не се заинтересирани да се вклучат во процесите на претпродукција во кои во јалово администрирани форми на одлучување бесцелно би ја трошеле својата енергија. Авторите губат години испраќајќи ги своите проекти до тела, комисии и фондови низ Европа и регионот каде што седат „културтрегери“, европски или локални бирократи, луѓе што сакаат да прават пари, неостварени исфрустрирани типови што немаат поим што е тоа филм, но по случај на околностите неприкосновено одлучуваат. Згора на сѐ, хаос е завладеан и во основното поимање на филмскиот медиум и филмската естетика. Исфорсираната „европеизација“ сѐ повеќе ги гуши специфичноста и оригиналниот шмек на националните култури и нивните кинематографии, сѐ почесто наметнувајќи стерилен естетски шаблон.

Хаос владее и помеѓу креативниот и продуцентскиот дел, кои сѐ повеќе стануваат два комплетно различни света. Во креативниот дел имаме луѓе што сакаат да создадат уметност и продуценти што главно сакаат да направат пари. Упатени сме на меѓународни копродукции без кои веќе е невозможно да се „спакува“ филм, а Европа и нејзината шема е бирократизирана докрај. Нема иновации, нема субверзивност, сѐ е рамно, царува досадата, нема страст и емоции и што е најстрашно нема желба тоа да се менува. Филмовите личат еден на друг како јајце на јајце и траат едвај 70-80 минути. Ретко ќе наидете на филм што ќе го задржи вашето внимание час-два, а камоли три. Идните филмски проекти се како болни луѓе што чекаат во амбуланта за да ги прегледаат некакви скрипт-доктори, таканаречени филмски експерти што имаат докторати по филмска уметност, верификувани од исто така некои анонимуси, уште поголеми експерти! Вистинско лудило!

stole-popov-banskoliev-(16)