После успешната премиера на новиот Македонски игран филм “До Балчак“ на режисерот Столе Попов во Скопје, рецензиите во печатот во врска со самото дело како филм многу позитивни. Овде ви пренесуваме неколку статии објавени непосредно после самата премиера.

Медиа.мк

19.10.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

Најбурни аплаузи за Дац, Инти, Тони, Сашко, Мартин, Искра

Филмски постер До Балчак, Столе ПоповПо завршувањето на филмот, околу полноќ беше организиран коктел на кој присуствуваше речиси целиот државен врв на Македонија. Актерската екипа на “До балчак“ ги собра најбурните аплаузи по премиерата во саботата вечерта во кино “Милениум“.
Словенката Инти Шрај, Драган Спасов Дац, Тони Михајловски, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Искра Ветерова, Владо Јовановски…, сите се поклонија пред полната киносала, заедно со поголем дел од екипата. Аплаузите не престанаа и за режисерот Столе Попов, кој само се поклони, без обраќање.
Пред премиерата на црвениот тепих пред киното се слушаа звуците на преубавата насловна песна од филмот, “Танго до балчак“, додека по завршувањето на филмот, околу полноќ, беше организиран коктел на кој присуствуваше речиси целиот државен врв на Македонија: претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски со сопругите, како и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, министрите за здравство, за внатрешни работи, за надворешни работи… Филмот во саботата вечерта го гледаа и доста актери кои не играа во овој филм, како Јелена Жугиќ, Ѓорѓи Јолевски…
“До балчак“ е работен по сценарио на Горан Стефановски, косценарист е Столе Попов, директор на фотографија е Апостол Трпевски, музиката е на Дуке Бојаџиев, сценограф е Миленко Јеремиќ, костимограф е Емилија Ивановска. Улогите ги толкуваат Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски…
За “До балчак“ се вели дека е сурова романтична љубовна приказна сместена во првата декада од 20 век, во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од аголот на поединецот.

Филмот игра на редовниот репертоар во кино “Милениум” и “Синеплекс”, а ќе патува и во поголем дел од градовите низ Македонија. (Де.Т.) .

Дневник

19.10.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

УСПЕШНО КИНЕМАТОГРАФСКО ПЕНЕТРИРАЊЕ

tothehilt_06Несомнено и за светската кинематографија, воопшто, е мошне редок случајот од првата средба со сценариото до премиерата на еден филм да поминат три децении. Македонската приказна на Горан Стефановски конечно преточена во филмот на Столе Попов „До балчак“ ја има токму таквата судбина. За среќа, оваа приказна го има среќниот крај и филмот е веќе дел од нашиот кинорепертоар.

И веднаш: по долги години откако заборавивме како изгледа еден достоен (читај: пристоен) филм од нашата кинематографија, конечно можеме да здивнеме бидејќи пред нас е филмско остварување, кај кое преовладуваат добрите нешта: впечатлива режија, издржани актерски креации, прекрасна фотографија, музика што ве обзема…

Приказната н` навраќа во годините од првата деценија на минатиот век кога Македонија е дел од Отоманската Империја. Сценариото на Стефановски (Попов се појавува и како косценарист) ја носи вечно актуелната нишка на неопходност од самодокажување на ова парче земја, вешто дополнувајќи ја неговата судбината со богатството од харизматични карактери „искршени“ низ потрагите – по слобода, правда, љубов… Возот „Ориент експрес“ носи една самоуверена млада европска дама придружувана од млад македонски интелектуалец. Попатната станица ~ ја нуди можноста да запознае еден турски офицер и еден бескомпромисен комита. На несекојдневниот љубовен четириаголник му се надоврзуваат уште цела плејада умешно осмислени ликови доловувајќи автентична слика на една епоха…

Столе Попов е еден од нашите водечки режисери („Среќна Нова 49-та“, „Тетовирање“, „Црвениот коњ“, „Џипси меџик“). Радува што паузата од повеќе од 15 години откако го сними својот претходен целовечерен игран филм, воопшто не влијаела врз застарување на неговиот авторски печат. Справувањето со огромниот продукциски товар е во манир на голем мајстор и единствено што може (иако и не мора) да му се забележи е неискористената можност да отфрли неколку од сцените (особено тие со повторено случување, како „комитското безделничко заседнување во кафеаната“) без кои динамиката од дејството во првиот час од филмот би се задржала и во вторите (евентуално) 60-ина минути, со што (можеби) комплетниот ефект би бил посилен.

Радува и работата на кинематограферот Апостол Трпески, кој по „Џипси меџик“ повторно соработува со Попов и дава значаен придонес со прецизното функционирање на камерата „која знае што сака“. Суптилно супериорни се моментите во рацете на креативците за визуелни ефекти од веќе светски афирмираните, а наши ФХ/3Х. Безмалку жив лик се и костимите на Емилија Ивановска-Атанасовска, а прецизно осмислена – сценографијата на соработникот на Kустурица, Миленко Јеремиќ. Музиката на Дуке Бојаџиев едноставно не сакате да престанете да ја слушате…

И конечно, улоги што заслужуваат да бидат посебно поздравени. Словенечката актерка Инти Шрај е уверлива и автентична носителка на нештата што судбински се испреплетуваат околу неа. Сашко Kоцев докажа дека може многу кога има соодветна партнерка покрај себе. Мартин Јорданоски плени со сигурната интерпретација на учтивата невиност и идеализам. Тони Михајловски е во својот полнокрвен актерски елемент. Просторната ограниченост е единствената причина што само со пофалба ќе минат впечатливите епизодни улоги на Драган Спасов-Дац, Владо Јовановски, Предраг Манојловиќ, Kамка Тоциновски, Искра Ветерова,…

„Ебати животот ако не си спремен да умреш за него“ е мотивот на „До балчак“, што по подолго време во македонската кинематографија потсетува дека вреди жртвата за да се направи добар филм.

Автор Антонио Цифро.

Вечер

19.10.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

До балчак“ е до балчак

Филмот “До балчак“ во режија на Столе Попов е продукциски раскошен, со бравурозни актерски остварувања, ретко интелигентна монтажа, визуелно богат, но предолг филм со одредени недоследности.
Камерата (Апостол Трпевски) е високо професионална, употребува вистински агли на снимање, гро-план кога треба (на пример, фокусот врз лицето на Никола Ристановски, во сцената кога првпат го гледаме), а бојата е секогаш, без исклучок, мудро поставена и го надополнува општиот впечаток за сцените.Монтажата (Атанас Георгиев) заслужува подолга анализа. Уште од почеток е динамична, игрива, а црно-белите фотографии го разбиваат и разигруваат дејствието. Интелигентната монтажа се покажува во полна сила во втората половина на филмот, која, пак, на повеќе нивоа се разликува од првата половина, и каде има повеќе симболи и поквалитетни визуелни решенија. Како пример може да се дадат кадрите кога комитите ги убиваат првите Турци во градската кафеана, како и целата таа сцена со мечката во кафеаната, која е повеќе од одлична и филмски мајсторски изработена, а и повеќе од ефектно завршува. Како продолжение на ова тврдење, може да се употреби насловната песна “Танго до балчак“ од Дуке Бојаџиев (една од најдобрите некогаш создадени во Македонија), која функционира преплетена низ различни сцени, што е, пак, едно од најдобрите решенија во филмот. Такво преплетување на песна од една сцена во друга е употребено, повторно силно ефектно, во сцената кога Сашко Коцев ја пее “Зајди, зајди”.
Столе Попов го задржува и манирот да прикажува дејствие во дејствие, а во филмот има и многу и визуелни потконтексти, како на пример кога Наташа Петровиќ ја сече косата кратко, погледнувајќи во Инти, која, како “мајката Европа“, и дава храброст да биде тоа што (не) е. Сето тоа прави овој филм да е интересен за филмските сладокусци.
Актерската екипа е најдобрата нишка во филмот. Инти Шрај (Тереза) има остварено улога достојна и за Оскар, без никакво претерување. Ликот и е податлив за добро остварување, па до танчина ја доловува младата и темпераментна, непредвидлива Европејка со авантуристички дух, низ која е прикажан стереотип за Европа, убава и доминантна, која без исклучок ги наметнува своите правила на игра, секогаш со резервен план, со двојни стандарди, или, едноставно кажано, terra incognita, како што таа самата се нарекува во филмот.Сашко Коцев (Крсто) е далеку подобар и поуверлив од неговото остварување во “Трето полувреме“, а Мартин Јорданоски (Филип) целосно го доловува неговиот лик на инфериорен идеалист.

Тони Михајловски (Музафер), пак, понекогаш зборува со, демек турски нагласок, а понекогаш со македонски, што укажува на недоследност и е огромна грешка. Инаку, освен тоа, неговата улога е со еден збор – брилијантна.Од споредните улоги се издвојува играта на Драган Спасов – Дац, кој, исто без претерување, е едноставно бравурозен. Дац ја игра улогата доследно од почеток до крај, а неговите реплики во најголем дел ќе останат да се раскажуваат, како тие од “Тетовирање“ и “Среќна нова 49“. Кога сме кај споредните улоги, повеќе од убедлив е и Никола Којо, кој, исто така, кажува доста “бисери” за прераскажување.За сценариото на Горан Стефановски може да се пишуваат безброј научни трудови и докторски студии. Карактерот на сите личности е поставен уште од нивното прво појавување, и тоа речиси сите во контекст на општествената и политичка реалност. Накратко, сценариото е многуслојно, пребогато со потконтексти и со одличен, специфично македонски хумор.
Традиционалните македонски зурли и тапани на места ставени во модерен контекст, пак, не се патетични и функционираат како одлична аудио поддршка низ целиот филм, засилувајќи се на крајот.Во филмот има и недоследности.

На пример, не се знае зошто никој не го дочекува Музафер во куќата на Филип? И да има некакво “затскриено“ решение, тоа не функционира.На места, пак, се забележува театарското писмо на Горан Стефановски, место филмско. Најдобар пример е дијалогот меѓу Филип и таткото во нивната куќа. Исто така, некои сцени се одвишни и неефектни, иако имаат одредена оправданост, а како пример може да се посочи сцената кога се среќаваат Филип, Музафер и Богдан (Мики Манојловиќ) во кафеаната.Почетокот на филмот, пак, е премногу долг (иако можеби за ваков филм и не можело поинаку, но тоа отвора и други прашања, повторно околу должината), а сцената кога Шрај “свири“ со чашите е на границата на здодевност, што за почеток на филм и не е баш умно.Интересно и неочекувано е и што Столе Попов употребил две симболики кои во Македонија се иманентни за Милчо Манчевски – лубениците и пресечената глава. Единствен логичен впечаток е дека, како што често се прави во филмската уметност, Попов од почит го цитирал Манчевски (како што е случај во овој филм со неколку други филмови и режисери, па дури и самиот крај кој може да се толкува и како цитат на крајот од “Буч Касиди и Санденс Кид“), иако во тоа е тешко човек да поверува, имајќи ги во предвид односите и суетата меѓу најголем дел од филмските работници во Македонија.

И покрај квалитетите на “До балчак“, сепак, поради должината на филмот, поради локалниот хумор и приказната која тешко ќе функционира во меѓународни рамки, многу е веројатно дека ова дело нема да има богат фестивалски живот, иако тоа го заслужува. Исто така, дел од гледачите не излегуваат пресреќни од киносалите, што говори и за тоа дека овој филм кој зад себе остави и големи долгови, не е миленик на сите.
Дејан ТРАЈКОСКИ .

Окно

19.10.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

Меѓу смртта и слободата, меѓу Македонија и Европа (За филмот „До балчак“)

Одличниот филм на Столе Попов, „До балчак“, би можел да биде фина подлога – кога би го префрлиле на теренот на идеологијата – за некакво македонско национално помирување. Дури и повеќе од тоа, поетиката на филмот „До балчак“ би можела да биде подлога за мошне паметна и убава политичка платформа за една нова Македонија прилагодена на 21-иот век. Кои би биле главните столбови на таа платформа? Оние што се суштина на најновиот филм на Попов: демитологизација (национална дефрустрација), креативност, инвентивност, смирување на бујните разлики низ почитување, иронија, фантазија, хумор… (Впрочем, и културно-политичките стратегии на ЕУ одат во истата насока: шаренилото, умот, науката, културата… се европски вредности и предности.)

Супериорната уметност е над сè, а пред сè е над зовриениот котел на политиката&историјата – тоа е клучната позиција на филмот „До балчак“. Но, во филмот тоа не е само реторичка поза; Попов во прв ред со уметнички средства успева надмоќно да се постави над политиката и историјата какви што ни ги диктираат манипуланти и идиоти за сопствените политикантски и профитерски потреби. Всушност, „До балчак“ е една деликатна жица поставена врз два зашеметувачки брега: оној на смртта и оној на слободата. Уметноста, токму филмот, ги трансцендира смртта и слободата и ни овозможува да чекориме (во воздух?) и да ги доближуваме раздвоените брегови. .

Автор на текстот:Никола Гелевски

Остатокот на статијата на Никола Гелевски може да ја прочитате овде

Република

05.12.2014 (кликни тука за оргиналниот текст)

Парадигма до балчак

Столе Попопв, Инти Шрај снимање До Балчак

Што му фали на филмот „До балчак“… да биде ремек-дело? Ништо!

Последното дело на извонредниот Столе Попов е генијално во секој поглед, само има една мана: повеќе е слика одошто филм… браво за режијата, актерите, прекрасната Инти, бравурозниот Михајловски, фотографијата…

Будимка Поповска До БалчакАвтор на текстот:<Будимка Поповска

Остатокот на статијата на Будимка Поповска може да ја прочитате овде