Project Description
“Црвениот Коњ”- игран филм
Творечкиот ангажман на режисерот Попов, во „Црвениот коњ“ е свртен и кон историската тематика, којашто и дотогаш беше една од битните ознаки на македонската филмска поетика. Така, временскиот период што го зафаќа драмското дејство на филмот се протега од крајот на Граѓанската војна во Грција, па преку зенитот на сталинизмот во Советскиот Сојуз и сталиновата смрт во почетокот на педесеттите години, па сè до почетокот на шеесеттите години. Конфузијата на идеолошката свест пластично мошне добро се вклопува со конвулзивноста на просторот во кој, како бегалци, се принудени да егзистираат Борис Тушев – централниот лик во драмата, и неговите другари.
Oд мноштвото понудени интересни ликови, Попов своето творечко внимание го фокусира врз личноста на Борис Тушев, и низ неговиот хабитус тој ја профилира целата оваа драма на физички егзодус и духовен егзорцизам. Ликот на Борис е навистина најкомплетно граден лик во филмот, а него мошне успешно го игра актерот Бата Живоиновиќ. Во другите улоги настапуваат: Коле Ангеловски, Данчо Чевревски, Мето Јовановски, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Мустафа Јашар, Ристо Шишков, Ацо Јовановски, Владимир Светиев, Младен Крстевски, Кирил Ристевски, Радмила Живковиќ, Силвија Јовановска и Лиле Георгиева.
Снимателот Бранко Михајловски и сценографот Властимир Гаврик – успешно во реалистичка смисла, а и максимално функционално во драматуршка смисла – успеваат доста сугестивно да му ги пренесат на гледачот искуството и креативната надградба на оваа драматична сторија. Некаде во овие драматуршки текови се наоѓа и музичката придружба на филмот, дело на композиторот Љупчо Константинов. Режисерот Столе Попов, со својот прв настап, сосема сигурно постави некои нови авторски стандарди што понатаму ќе се покажат од голема полза за македонската играна продукција.
Краток Опис
Година на производство: 1981
Род: игран филм
Жанр: историски
Техника: вајдскрин
Колор, со звук, 35 мм.
Должина: 3.470 мет.
Времетраење: 124 мин.
Производство: „Вардар филм“ – Скопје, „Македонија филм“ – Скопје
Режија: Столе Попов
Сценарио: Ташко Георгиевски
Соработник на сценариото: Столе Попов
Директор на фотографија: Бранко Михајловски
Монтажа: Димитар Грбевски
Продуцент: Анте Поповски
Главни улоги: Велимир – Бата Живоиновиќ, Илија Џувалековски, Радмила Живковиќ, Данчо Чевревски, Коле Анегеловски, Мето Јовановски, Столе Аранѓеловиќ, Лиле Георгиева, Душан Јаниќиевиќ, Ацо Јовановски, Илија Милчин, Владимир Светиев, Ристо Шишков
Музика: Љупчо Константинов
Сценографија: Властимир Гаврик
Костимографија: Зорица Тодорова – Младеновиќ
Тон: Јордан Јаневски
Директор на филм: Благоја Ангеловски
Награди
- 1981 ФЈИФ, Пула, Златна арена за сценографија на Властимир Гаврик
- 1982 ФЕСТ, Белград, Диплома за режија на Столе Попов
- 1982 МФФ, Сан Франциско, Диплома за Столе Попов
1982 МФФ Лос Анџелес, Диплома ФИЛМЕКС за Столе Попов
- 1982 ФФ, Ниш, Голема диплома за машка епизодна улога за Мето Јовановски
- 1982 11 Октомвриска награда за Столе Попов
- 1982 „Седум секретари на СКОЈ“ за актерското остварување на Данчо Чевревски
- 1983Лондон, Меѓународен филмски водич ‘83, Најдобра светска селекција
- 1993 Vienna, Farewell Yugoslavia – Viennale ’93, Anthology of 33 films
London, Film on the Balkans – Anthology of 24 films, Dina Jordanova
Црвениот Коњ

Што рекле за филмот
„Не пропуштајте ја пораката на длабокиот хуманизам во филмот ЦРВЕНИОТ КОЊ на Столе Попов… Филмот содржи некои сцени снимени во Кина, со неповторливиот Бата Живоиновиќ во една од неговите најсилни улоги, а сето тоа носи обележје и е направено од режисер со стил и визија.“
„Во овој момент верувам во Столе Попов и во Емир Кустурица. Тоа произлегува од мојата склоност кон филмовите кои имаат фуриозен карактер, кои се врзани за човековите страсти, како што се нивните филмови. Мислам на ЦРВЕНИОТ КОЊ, на ДОЛИ БЕЛ, на ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ“.
„ЦРВЕНИОТ КОЊ е епска повест за националниот морал, или подобро кажано, за моралот на националниот идентитет, тоа е драма на една колективна свест, кој знае по кој пат искушувана и потврдувана.“
„Филмот ЦРВЕНИОТ КОЊ на Столе Попов ја дише силата на една античка драма, сликите на широки пејсажи, разочарани луѓе, кои се кријат во акохолни опиени состојби и животни лаги, го документираат долгиот трагичен животен пат на еден дезилузиониран човек.“
ЦРВЕНИОТ КОЊ е жесток филм за егзилот, во режија на Столе Попов… Со голема уверливост Бата Живоиновиќ игра херојски партизански борец кој обесхрабрен се откажува од сè, со цел да се врати дома, но само за да најде туѓа земја каде што повеќе не припаѓа.“