Ви го пренесуваме интервјуто со режисерот Столе Попов за дневниот весник “ Дневник “ од 2010 година. Интервјуто го правеше новинатката Лиљана Димовска

Gogo_1_dnevnik“Приказна од дивиот исток“ е приказна за Македонија, мала но фасцинантно убава земја во срцето на Балкан. Петстотини години под турско ропство. Деиствието се случува во првата декада на 20 век, поточно 1906 година,три години после крваво задушеното Илинденско Востание, дел од генетскиот и историскиот код на Македонскиот народ. Филмот е синеастички обид да се проговори за дел од македонската историја со еден универзален, филмски, естетски но и филозофски пристап за суштината на македонското битие, низ судбините на обичниот човек во борбата за сопствен идентитет и себепрепознавање, што го прави апсолутно актуелен и препознатлив се до денешни денови. Во психолошкиот бекраунд на приказната лебди се она што било и ќе остане супстрат на македонската кауза, исконското чувство за слобода, самостојност и достоинство кои често пати низ историјата се доживувани драматично, низ призмата на илузијата и релативноста на истата таа слобода, правдата, толкувањата, љубовта и жртвувањата. За жал дел од македонската историска драма секогаш биле и останаа црните страни на нашиот менталитет, разочарувањата, предавствата, измамите, кодошењата… често доживеани низ катарзични емоции што допираат *до балчак*, што ја прави темата и идејата кореспондирачка дури и со денешните збиднувања. Поточно од самиот центар на филмската драма како природно да призлегува типичниот балкански парадокс, со право издигнат до ниво на повеќекратно проверена филозовска максима “Ебати животот ако не си спремен да умреш за него„.
Воедно, ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со актуелната реалност на суровиот живот, низ македонската историја исполнета со супер историски апсурди. Ова е прав комитски филм, Anti Western, пандан на традиционалниот American Western или нешто што слободно можеме да го наречеме Macedonian Eastern, филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат, судираат но и коегзистираат западната и источната цивилизација.

tothehilt_02Во самиот концепт не се сменија битни работи но се сменија околностите и контекстот, историски, политички и идеолошки, низ кој се посматра концептот. Универзалноста на идеите што можат да го издржат теретот на годините и искушението на промените, особено во вакви рапидно транзициони години, се многу посилни и потемелити. Затоа и се прават историски филмови со теми и идеи кои сеуште делуваат актуелно, свежо и уште попровокативно во нови услови на новото време. Сценариото со Горан го работевме во време кога Македонија сеуште беше во рамките на југословенската федерација, значи сеуште не беше самостојна и независна држава и во тоа време тенденциите на соседните држави за остварување на нивните интереси низ негација на македонската држава и нација, не беа толку изразити и настојчиви како денес. Исто така тогаш не можеше да се наслутат, но врз основа на цикличноста во историските појави, можеше да се антиципира хипокризијата и игрите на големите сили околу Македонија, користејки ја како монета за поткусурување во меѓусебните валкани лукративни игри без граници, кои го доведуваат во прашање македонското достоинство.

Во меѓувреме ги снимив “Тетовирање“ и “Џипси меџик“ ,го водев одделот за филмска режија на ФДУ и неповратно, безцелно изгубив четири години во македонскиот парламент обидувајки се да сугерирам одредени свој погледи во македонската политика, кои ги сметав за неопходни во зачувувањето на виталните македонски национални и државни интереси. “Приказната од дивиот исток“ во независна Македонија беше повеќе пати нудена на владата на СДСМ но сите ветувања како по обичај одеа во ветер, вероватно заради тотално извитоперената свест на некои политичари за кои целата македонска историја почнува и завршува со НОБ и партизаните. Нивниот значај воопшто не го потценувам но навистина не можам да разберам нечија среќа и настојување, Македонија и нејзината севкупна историја и култура да останат вечно закопани и никогаш разоткриени. Едноставно, од човечки аспект не го разбирам задоволството да не се направи и да не се изгради Ништо, наспроти желбата да се направи Нешто, па макар тоа било да се посади трева или соѕида обична чешма. Какво е тоа срце кое не затреперува, ни кога трева расте ни кога вода тече. Подршката на оваа Влада, на вака комплексен проект, е храбар потег и покажува јасно профилирана државна културна политика и артикулиран коцепт во сферата на кинематографијата кој води кон меѓународна афирмација на македонските културни вредности.

Филмот прави реконструкција на епохата од почетокот на 20-тиот век, изразена низ контрастот на раскошната, декадентна Европа и суровиот Балкан, преку инсценација со богата автентична сценографија и костимографија, филмски вообличувајки едно време на прагот на големите светски војни што надоаѓаат.
Ова воедно ќе биде одлична можност да укажеме на можностите и потенцијалниот капацитет на македонските филмски автори, како во специфични но погодни економски услови, со неограничена уметничка слобода, а со неспоредливо помали финансиски средства од светските стандарди, може да се создаваат дела со висока професионалност, достојна за почит, што досега беше карактеристично и резервирано само за далеку поразвиените кинематографии во Европа и светот.

Gogo_2_dnevnikЗа да биде појасно, уметничката и творечката слобода на овие простори многу често е катастрофално зависна и ограничена од финансиските средства. Посебно кај нас одредени “експерти„ креираа формула за брз и сигурен “уметнички„ и матерјален личен успех. Напиши приказна за баба и дедо во напуштено село, земи од државата што можеш повеќе пари, потроши некоја цркавица, наполни си го џебот, плати две три новинарчиња да го напумпаат филмот како светски успех, а ако и тоа не ти оди, увези странец кој сигурно нешто розово ќе напише, бидејки сепак, него кажаниот збор многу помалку ќе го боли.
Филмската фела во Македонија живее во виртуелна провинцијална слика за самите себе, постојано креирајки нови ситуации во кои се е возможно. Така е можно еден мал урбан филм да чини 300000 евра, а друг ист таков 2 милиони, можно е ТВ спот од 30 секунди, да чини исто колку и еден камерен игран филм. Јавноста ја критикува широкоградоста на државата а никој од фелата не покренува прашање за моралната и етичката гнасотија на оние кои најбезочно продаваат рог за свеќа. Иста онаква гнасотија, што во друга сфера на животот би се третирала како тежок криминал и корупција, како на пример ако на пазарот, со јавни пари купите еднособен стан а платите за петособен, или купите фиќо а платите за мерцедес. Самобендисаниот дел од фелата , во спрега со дел од корумпираните медиуми воспоставува нови стандарди во кои е поважна саморекламата отколку самото дело и реалната слика за него, се измислуваат светски успеси и нови естетики и така секојдневно откривајки топла вода заносно чекорат по некакви црвени теписи, длабоко нурнати како ноеви во малограѓанското паланечко самозадоволство, што совршено функционира на релација од Бујановац до Прдејци и од Мали Влај до Ѓуешево. Се е безпрекорно, само филм нема.

left_buttonДруштвото на филмските работници е анахрона форма. Тоа во најмала рака треба да се реформира во Друштво на филмски уметници, во кое ќе членуваат само професии со уметнички статус во процесот на создавање на филмското дело, со строго утврдени професионални критериуми при зачленувањето, што ќе ја подигне сериозноста и компетентноста во делувањето и креирањето на политиката во сферата на филмот. Приоритетна задача на новото друштво би требало да биде учество и допринос во донесувањето на нов Закон за кинематографија.
За афирмацијата и презентацијата на македонскиот филм најдобро е да се грижат оние кои се и најодговорни во процесот на неговото создавање и финансирање. Во нашиов случај тоа значи продуцентот на филмот и државата како доминантен финансиер, преку своја институција како што е Филмскиот фонд или Филмски центар, нешто слично како што во светот тоа го прават Данскиот филмски институт или англискиот British Screen.